На прв поглед, 228 гола на 740 меча е лош голгетерски биланс на 13 играчи кои го носеле дресот на Челзи со бројот 9, но има неколку легенди кои оставија печат, па новата „деветка“, Гонзало Игуаин, се надева дека ќе ги следи нивните стапки и нема да биде уште една лоша инвестиција.
Дресот со број 9 во последните години не носи ништо добро во Милан, а Игуаин побегна оттаму, но дојде во Челзи, каде што исто така главните напаѓачи не може да се пофалат со некоја завидна ефикасност. Најмногу голови за Челзи даваа Лампард, Ѕола, сега Азар, фудбалери кои се од средниот ред, а и Дрогба даде многу погодоци, но немаше број 9 на грбот. Но „деветката“ и не е толку проколната во лондонските сини.
Фалкао на 12 меча даде само еден гол, Сидвел на 25 средби даде еден гол, Крис Сатон само три гола на 39 меча, а најлоша деветка без даден гол на 20 настапи беше Калид Буларуз. Од лошите примери, тука е и Кежман со 7 гола на 41 меч.
Мората се запиша 15 пати во листата на стрелците на 48 средби, Стеин даде голови на седум меча по ред и заврши со 11 пред да му ја препушти деветката на Вијали во 1998 година. Фернандо Торес даде 45 гола на 172 меча, а првиот погодок го постигна дури на 14-тиот меч. Креспо исто така не се прослави, даде 13 гола на 42 меча.
Најуспешни деветки во Челзи беа Џанлука Вијали и Џими Флојд Хаселбенк. Италијанецот дојде во Челзи во 1996 година, откако ја освои ЛШ со Јувентус и на 88 меча даде 40 гола. Холанѓанецот даде 88 гола на 177 настапи и важи за пример кој сакаат да го следат сите наследници на дресот кој обврзува давање голови.