Бразилскиот репрезентативец Нејмар наводно одлучил да си оди од ПСЖ по инцидентот што изминатиот викенд се случи во соблекувалната и физичката пресметка со директорот на клубот, Луис Кампос.
Изминатиот викенд во Лига 1 се играше дербито меѓу Монако и ПСЖ, кое му припадна на тимот од Монте Карло, а по натпреварот било бурно во соблекувалната на Светците и според Радио Монте Карло, дошло до физичка пресметка меѓу Бразилецот и Кампос.
Денеска француските медиуми пишуваат дека Нејмар е подготвен да си замине на крајот од сезоната, но сака да му биде кажано во лице од директорите дека не е пожелен на „Паркот на принцевите“, а не преку „платените медиуми и новинари“.
ПСЖ изминатите неколку години се обидуваше да го продаде Нејмар, но Бразилецот упорно одбиваше да си замине, освен во 2019 година, кога сакаше да се врати во Барселона, но тогаш Светците не го пуштија.
Минатата година Нејмар дури доби и нов договор до 2026 година, но со доаѓањето на Луис Кампос на директорската позиција место Бразилецот Леонардо, работите се сменија и напаѓачот повторно се најде на удар.
За работите да бидат уште полоши за челниците на ПСЖ, поради инцидентот со Нејмар, наводно Лионел Меси одлучил да ги стопира преговорите за Светците околу новиот договор, и тоа под изговор дека сака да се фокусира на двомечот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Баерн Минхен.