Ракометарите на Еурофарм Пелистер утревечер (20.45) пред своите фанови ќе го играат натпреварот од осмото коло во Лигата на Европа против Агуаш Санташ и ќе се обидат да дојдат до првата победа на домашен терен.
Битолчани досега одиграа седум меча во рамките на групата Д и имаат скор од две победи, едно реми и четири порази, но сè уште немаат триумф на домашен терен.
Е. Пелистер во Битола загуби од Фуксе Берлин и Скандерборг Архус, додека ремизираа со Бидасоа, а тренерот Ларс Валтер најавува дека битолчани утревечер ќе се радуваат на победа.
„Напорно работиме да го пронајдеме вистинскиот ритам. Мислам дека ја подобривме одбраната и подобри сме и во нападот. Верувам дека утревечер по натпреварот ќе можам да кажам дека сме на вистински пат. Суси напорно работи, но веројатно нема да игра утревечер. Велковски со крупни чекори напредува, од ден на ден е подобар и блиску е до комплетно враќање. Подготвен е да ни помогне и среќен сум за неговиот напредок. Каспер Кисум е добар играч, но му треба малку време да се навикне на нашиот систем. Се работи за одличен играч и многу ќе ни помогне во текот на сезоната. Агуаш Санташ е истата екипа, може да очекуваме сличен натпревар како во Португалија. Се работи за брза екипа, која се познава меѓу себе и нема да биде лесно против нив. Сепак, убеден сум дека сме подготвени“, вели Валтер.
Оптимист е и пикерот Жарко Пешевски, кој очекува навивачите да се радуваат на триумф.
„По подолго време се враќаме во нашиот спортски храм. Имавме тешки натпревари во гости, блиску бевме до подвиг на дел од тие натпревари, но малку и среќата ни го сврте грбот. Агуаш Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија ги освоивме бодовите по тешка борба. Со поддршка од битолската публика, верувам дека ќе се радуваме. Влегуваме во најважната фаза во сезоната, во која веќе немаме право на лош ден. Дојдовме тука да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес и да гинеме на сите фронтови. Утре е денот Д и со евентуална победа ќе го обезбедиме местото во Европската лига“, вели Пешевски.