Ривалите беа обединети за Атсу и испратија убава порака до целиот свет

Пред речиси две недели се случи разорниот земјотрес во југоисточна Турција и северозападна Сирија, а досега има преку 44.000 загинати. Меѓу загинатите од вчера е запишано и името на Кристијан Атсу, репрезентативецот на Гана кој настапуваше во Хатајспор. Токму Хатај беше градот кој беше најмногу погоден од земјотресот и во кој беа срушени илјадници згради, а судбината си поигра со Атсу, откако во последен момент реши да го откаже авионскиот лет кој бил неколку часа пред земјотресот.

По Атсу се трагаше повеќе од 10 дена, а на крајот стигнаа најлошите вести. Освен Хатајспор кој се прости од својот фудбалер, смртта на овој фудбалер ги погоди и клубовите во кои тој настапуваше а тоа се: Порто, Рио Аве, Челзи, Витезе, Евертон, Борнмут, Малага, Њукасл, Ал-Раед и Хатајспор.

Мечевите од Премиер лигата започнаа со едноминутно молчење, поради смртта на Атсу, кој не беше заборавен ниту во Португалија. Пред синоќешниот меч меѓу Порто и Рио Аве, капитените на двата тима во своите раце држеа дресови на кои беше презимето на Атсу со броевите кои тој ги носеше додека играше за овие два португалски клубови.

„Сеќавањето секогаш ќе остане со нас. Порто и Рио Аве се обединети во знак на сеќавање на Кристијан Атсу“, беше пораката од Порто, кој славеше со 1:0 против Рио Аве.

- Оглас -

Најнови вести