Најскапото засилување во историјата на Ливерпул, Дарвин Нуњес, конечно почна да добива пофалби за неговите игри и тоа од поранешниот менаџер на Црвените, Рафаел Бенитес.
Нуњез од неговото пристигнување на „Енфилд“ беше на удар на критичарите кои го прогласија за најголемо промашување на Јирген Клоп, но по дерби-пресметката со Њукасл и победата на Ливерпул од 2:0, во која го постигна првиот гол, Уругваецот има сè помалку критичари.
„Тој е многу вреден играч, постојано трча и ги прави вистинските работи. Дарвин постигна одличен гол и сигурно Клоп е среќен поради него. Кога противничките менаџери ги анализираат игрите на Ливерпул, сигурно се загрижени бидејќи Нуњес е силен и брз и може да трча зад одбраната, а потоа да постигне гол“, изјави Бенитес, кој работи како стручен аналитичар за телевизијата „Скај спортс“.
Бенитес го спореди Нуњес со поранешниот напаѓач на Ливерпул, Фернандо Торес, кој исто така имаше слаб почеток на авантурата на „Енфилд“, а потоа експлодира и на 142 натпревари постигна 81 гол.