Фудбалерот на Малатијаспор, Бариш Башдаш, е еден од фудбалерите кои успеаја да го преживеат земјотресот што пред 15-тина дена го погоди источниот дел од Турција и регионите Малатија и Газијантеп.
Тој во разговор за германската телевизија ЗДФ зборуваше како ги преживеал ноќта и земјотресот кој досега однесе повеќе од 41.000 човечки животи.
Тој откри дека во моментот на земјотресот спиел.
„Одеднаш почнавме да чувствуваме тресење. Се разбудив и почнав да гледам наоколу, а по три-четири секунди паднав од креветот. Изгледаше како да ни паднала атомска бомба. Тогаш почнав да трчам. Снема струја, а од ѕидовите излегуваа камчиња и прашина. Скокнав од вториот кат и го повредив зглобот. Кога скокнав видов дека мојот соиграч крвари“, вели Башдаш, кој кажа дека и временските услови биле многу лоши.
„Времето беше многу студено. Луѓето беа во кратки алишта, бидејќи во моментот на земјотресот спиеја, а надвор всушност беше многу ладно“, додава Башдаш.