Реал Мадрид одигра историски меч на „Енфилд роуд“, каде што по негативата од 2:0, на крајот славеше со 5:2 против Ливерпул. Карим Бензема и Винисиус јуниор дадоа по два гола, а имаа и по една асистенција, додека Лука Модриќ беше одличен на средината на теренот.
И покрај овие докажани ѕвезди на Реал, тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, посебно истакна еден друг играч, а тоа е Начо Фернандес. Иако започна од клупата за резерви, Начо во игра влезе во 27-мата минута на местото на повредениот Давид Алаба.
По влегувањето на Начо, одбраната на Реал по левата страна беше многу посигурна, а така и целиот тим заигра многу подобро.
„Начо беше неверојатен. Влезе од клупата за резерви и блесна. Чудо. Не знам колку години е во Реал, но беше одличен“, рече тренерот на Ливерпул.
И стратегот на Реал, Карло Анчелоти, го пофали Начо, но додаде дека тој ги знае неговите квалитети и дека не е изненаден од тоа како добро одиграл.
Реал Мадрид со оваа победа речиси си обезбеди место во четвртфиналето од Лигата на шампионите затоа што сигурно нема да дозволи пред своите навивачи во реваншот да загуби со три или повеќе разлика од Ливерпул.