Александар Јончевски го претрпе првиот пораз како селектор на машката кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва во словачкиот град Левице. Црвено-жолтите загубија со 73-82, а селекторот смета дека проблем биле и некои судиски одлуки.
„На крајот на натпреварот, некако сè се сведе на оној момент, кога при негатива од седум не успеавме да ја намалиме на потребните четири. Секако, многу порано го испуштивме чекорот со кој требаше да одиме кон успех, на крајот на втора и цела трета четвртина“, вели селекторот.
Јончевски смета дека не го отворивме мечот во Левице како што треба, но и покрај тоа, дојдовме до предност во средишниот дел на првото полувреме.
„Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и тоа дека некако се вративме во игра и да поведеме. Меѓутоа, од една непромислена, намерна лична грешка, во еден посед примивме дури шест поени, доволно Словачка да го врати водството. Во третата четвртина не игравме толку лошо, креиравме и имавме пет-шест отворени шутеви, но не ги искористивме, а Словачка нè казни. Во последната четвртина пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со ‘преземање’ и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но, неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеа на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја презедоа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме со ладни глави и да одиме понатаму, кон Осло“, изјави Јончевски.
В недела, во Осло, од 18 часот Македонија гостува кај Норвешка и со победа би го освоила првото место, кое носи место во квалификациите за Евробаскетот 2025.