Дресот на Балотели го запалија навивачите на неговиот клуб (Видео)

Марио Балотели веќе со години е далеку од врвниот фудбал, но неговото име уште е интересно во најважната споредна работа во светот. Некогашниот италијански репрезентативец сезонава е дел од тимот на Сион во швајцарското првенство, а резултатите кои ги постигнува тимот се разочарувачки.

Во последното коло, Сион на домашен терен загуби убедливо со 0:4 од Сент Гален и со 22 бода од 22 меча е на претпоследното место на табелата. „Фенерџијата“ Винтертур исто така има 22 бода, што значи дека Сион е во сериозна опасност дека може да испадне.

Балотели беше капитен на дуелот против Сент Гален, а домашните навивачи му се лути на Италијанецот поради неговата незаинтересираност и слабата игра. Балотели нема дадено гол од ноември минатата година, што значи дека постот му трае веќе пет месеци.

Револтот кај навивачите дојде до тој степен што на трибините го запалија дресот на Балотели и му порачаа „Или давај го најдоброто од себе за овој клуб или оди си“.

https://twitter.com/i/status/1629844885460205569

Балотели има 32 години, а во кариерата играше за големи клубови како Интер, Манчестер сити, Милан, Ливерпул, Олимпиј Марсеј, Ница, а сега се мачи во екипа која може да испадне од првенството во Швајцарија.

Нова шанса за Балотели да се докаже ќе има вечерва на дуел од Купот на Швајцарија, кога пред своите навивачи ќе игра против Лугано.

- Оглас -

Најнови вести