Нејмар нема да биде подготвен за реванш-дуелот против Баерн Минхен во осминафиналето на Лигата на шампионите, соопшти тренерот на Пари Сен Жермен, Кристоф Галтие. Капитенот на бразилската репрезентација се повреди пред две недели на дербито против Лил, кога се пожали на болки во зглобот на десната нога и мораше да биде изнесен на носилки.
ПСЖ во првиот меч на свој терен во Париз загуби од Баерн со 1:0 и сега на реваншот, кој ќе се игра на 8 март во Минхен, ќе мора да брка победа ако сака да се пласира во следната фаза од ЛШ.
„Мислам дека Нејмар нема да биде подготвен и нема да биде на дуелот во Минхен“, изјави тренерот Галтие.
Нејмар сезонава во 29 меча за ПСЖ даде 18 гола, а имаше и 17 асистенции, но во најважниот меч за клубот во досегашниот дел од сезоната нема да биде подготвен за настап.