Карагер: Се радувам што ПСЖ испадна, ова е уште еден доказ колку е важно да си добра екипа, а не добри поединци

Легендарниот играч на Ливерпул, а сега фудбалски аналитичар, Џејми Карагер не штедеше зборови да го искритикува тимот на Пари Сен Жермен, кој синоќа беше елиминиран од Баерн Минхен, во осминафиналето од Лигата на шампиони. Францускиот првак загуби на „Алијанц Арена“ со 2:0, а беше поразен и дома со 1:0, што значи дека во двата меча не успеа да постигне ниту еден гол против баварскиот гигант.

Карагер смета дека е добро за фудбалот што ПСЖ испаднал, затоа што тоа потврдува дека трошењето многу пари не значи и создавање на силен тим.

„Воодушевен сум што ПСЖ испадна. Не ми се допаѓа како е поставен ПСЖ. Тие не се екипа, тоа е еден голем неред. Во пет од седумте последни години испаѓаат во осминафиналето, а трошат пари повеќе од било кој друг тим. Ги имаат најдобрите играчи во светот и брилијантно е ова што се случи затоа што покажува колку е важно да си екипа. Килијан Мбапе мора да си замине од таму“, анализираше Карагер.

- Оглас -

Најнови вести