Екипата на Вест Хем славеше со 0:2 на гостувањето кај АЕК Ларнака во првиот осминафинален натпревар во Лигата на конференции.
Поранешниот македонски репрезентативец Иван Тричковски ги одигра последните 13 минути за АЕК, но тој и неговите соиграчи не успеаја да постигнат гол и да го направат понеизвесен реваншот што ќе се игра идниот четврток.
Чеканите работата ја завршија уште во првото полувреме кога преку Мајкл Антонио ги постигнаа двата гола, и тоа во 36-та и во 45-та минута.
триумф на гостински терен оствари и Ница која со 1:0 славеше против Шериф. Единствениот гол беше дело на Амрауи во последните моменти од првото полувреме. Андерлехт и Вилјареал одиграа без победник 1:1.