Фенер губеше со 17 разлика од Барселона па победи, Црвена ѕвезда прокоцка 16 поени во Атина

Фенербахче го доби дербито против Барселона, откако турскиот гигант победи со 81:73 во меч од 28 коло на кошаркарската Евролига. Домаќините на овој меч покажаа победнички менталитет, затоа што успеаа да се вратат од негатива од 17 разлика.

Барселона започна фуриозно и по неколку минути поведе со 17:6, а во еден момент од првата четвртина водеа и со убедливи 17 разлика (30:13). Домашните кошаркари не се разочараа и заиграа многу подобро, па пред крајот на полувремето стигнаа само на еден поен негатива (37:38).

Пред крајот од третата четвртина резултатот беше нерешен 55:55, а потоа Фенербахче поведе со највисоки до тогаш 61:56. Во последната четвртина Барселона имаше минимална предност од 68:67, а потоа домаќните со серија од 8:0 стигнаа до водство од 75:68, што беше најава за важна победа.

Нешто слично беше и во Атина, каде Панатинаикос ја победи Црвена ѕвезда со 75:66. Српскиот тим одлично започна и постојано беше во водство. На почетокот од третата четвртина, Црвено-белите водеа со 16 разлика (45:29), но тоа не им беше доволно да победат.

Панатинаикос полека ја намаливаше предноста на противникот, а грчкиот тим прв пат поведе на почетокот од последната четвртина кога беше 56:55, а потоа домаќините водеа и со 66:58. На две минути до крајот Панатинаикос поведе и со двоцифрена предност (73:60) и беше јасно кој ќе победи.

Макаби Тел Авив го растури Ефес Пилсен во Истанбул, па израелскиот тим на крајот славеше со убедливи 86:64.

 

- Оглас -

Најнови вести