Лидерот на табелата Струга ТЛ во дербито на 23-то коло во Првата фудбалска лига одигра без голови против Македонија ЃП и полека ја губи бодовната предност во однос на конкурентите.
Ремито на Струга ТЛ го искористи Шкупи кој во скопската пресметка го совлада Работнички со 3:1 и дојде на само два бода заостаток зад лидерот. Струга има 43 бода, додека Шкупи има 41.
Шампионот победата ја обезбеди уште во првото полувреме кога беа постигнати сите голови. Домаќинот поведе со голот на Бајрами во 11-та минута, Мазари израмни само три минути подоцна. Но, подобрата игра во првиот дел, Шкупи ја круниса со уште два гола кои ги постигна за пет минути. Прво во 33-та минута Куевен погоди за 2:1, а во 38-та минута во листата на стрелци се запиша Цефас.
Од битката за титулата не се откажува ниту Шкендија која со 2:1 славеше во дуелот со Академија Пандев. Двата гола за тетовци ги постигна Чинари во првиот дел, додека Пандевци во 65-та минута намалија преку Ергемилдзе.
Најубедливата победа во 23-то коло ја оствари Брегалница која со 4:0 ја совлада последнопласираната Победа.
Резултати: Шкупи – Работнички 3:1, Струга ТЛ – Македонија ЃП 0:0, Шкендија – А. Пандев 2:1, Брегалница – Победа 4:0, Силекс – Скопје 3:1.
Табела: Струга ТЛ 43, Шкупи 41, Шкеднија 38, Силекс 35, Брегалница 32, Тиквеш 28, Македонија ЃП 26, Работнички 24, А. Пандев 19, Скопје 14 Победа 13.