Видиќ со одлука која ја шокираше фудбалска Србија

Прославениот фудбалер Немања Видиќ ја повлече кандидатурата за претседател на Фудбалската федерација на Србија. Видиќ беше противкандидат на Драган Џаиќ, а изборот ќе биде утре во 14 часот во Спортскиот центар на ФСС во Стара Пазова.

Некогашниот капитен на Манчестер јунајтед ги изненади сите со одлуката да се повлече, а преку соопштение ги објасни причините за оваа негова одлука.

„Пред нашиот фудбал се големи предизвици. Многу работи може и мора да бидат подобри. Мојата идеја беше и остана да соберам врвни професионалци кои ќе го решат проблемот од можеби било кој друг во Европа. За жал, на секој чекор кон патот да станам Претседател на ФСС, јасно ми беше ставено до знаење дека таа шанса нема да ја добиеме. Затоа, сакам да ви соопштам дека ја повлекувам кандидатурата за прв човек на ФСС. Одговорноста да ги решат овие проблеми ја превзема истата група која ги создаде истите. Дефинитивно не сум оптимист и мислам дека за четири години ќе биде уште полошо од тоа што е денеска. Повлекувањето на кандидатурата не значи откажување од српскиот фудбал“, стои во дел од соопштението испратено од Видиќ.

Видиќ ја започна кариерата во 2000 година во тимот на Спартак Суботица, а потоа играше за Црвена ѕвезда, од каде направи трансфер во Спартак Москва. во 2005 година, Видиќ го направи трансферот на кариерата, потпишувајќи за Манчестер јунајтед.

Цели девет години Видиќ помина на „Олд Трафорд“, а со своите игри ја заслужи дури и капитенската лента. Со Манчестер јунајтед освои пет титули во Премиер лигата, три пати триумфираше во Лига купот, пет трофеи освои во Комјунити шилд, а врвот му беше трофејот од Лигата на шампиони во 2008 и Светското клупско првенство истата година.

Во 2014 година замина во Интер каде одигра две сезони и потоа ја заврши кариерата. Во репрезентацијата одигра 56 меча и постигна два гола. По одлуката да се повлече од трката за претседател на ФСС, јасно е дека утре за прв човек на фудбалот во Србија ќе биде избран Драган Џаиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести