Врвните тренери се загрижени: Ако ова е пенал, тогаш ова веќе не е фудбал!

Реал Мадрид се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако синоќа по вторпат го победи Ливерпул, овој пат со 1:0 на „Сантијаго Бернабеу“. По завршување на дуелот, тренерот на Реал, Карло Анчелоти, зборуваше и за една ситуација која се случи на друг меч од Лигата на шампионите.

Се работи за пеналот што Манчестер сити го доби во дуелот против Лајпциг. При резултат 0:0, главниот судија по сигнализација на ВАР-системот гледаше репетиција на еден момент, но кој беше досуден пенал за Сити.

„Зборував со Клоп за тоа што се случи на дуелот на Сити – Лајпциг, и двајцата бевме запрепастени околу одлуката да има пенал за Манчестер. Двајцата се согласивме дека тоа не може да се суди како играње со рака и дека нема шанси тоа да е пенал. Таа одлука беше чиста лудост. Сакам да им порачаме на тие што одлучуваат да внимаваат затоа што ако се судат такви пенали, тоа веќе нема да биде фудбал. Мислам дека ниту еден фудбалер на Сити, ниту Пеп Гвардиола не очекуваше дека ќе биде досуден пенал за нив“, вели Анчелоти.

Пеналот беше досуден откако по еден корнер на домаќинот, Родри со глава шутираше, а топката случајно удри во раката на Бенџамин Хенрих, кој беше свртен со грб. Тогаш шпанскиот судија Ернандес Ернандес, кој беше главен во ВАР-собата, го повика арбитерот Славко Винчиќ од Словенија, кој беше главен на теренот, да ја прегледа снимката. По прегледување на снимката, Винчиќ покажа пенал, а Ерлинг Халанд погоди за 1:0 во мечот кој на крајот заврши со победа на Сити од 7:0, а првата ѕвезда на Граѓаните постигна пет гола.

- Оглас -

Најнови вести