Фудбалерот на Ница, Кефрен Турам, за првпат доби повик од францускиот селектор Дидие Дешан, па сега заедно со брат му Маркус се во репрезентацијата на Франција и уживаат во новото искуство.
Синовите на легендата Лилијан Турам, кој своевремено беше соиграч на Дешан, имаат 25 (Маркус) и 21 година (Кефрен), а денеска беа заедно и на прес-конференција.
„Не се сеќавам дека кога бевме деца, сме сонувале еден ден заедно да играме во репрезентацијата. Прекрасно е да се биде дел од националниот тим“, вели Кефрен.
Постариот брат Маркус кажа дека на Кефрен му фалела имагинација.
„Тој можеби не помислувал, но јас верував дека тој еден ден ќе стане репрезентативец. Кога дознав дека го повикале во репрезентација, бев посреќен отколку јас кога го добив првиот повик. Сè што прави тој, јас го гледам со многу љубов“, рече играчот на Борусија Менхенгладбах.