Сопственикот на фудбалскиот клуб Вардар, Слободан Крстевски, реши да ѝ се обрати на јавноста преку писмо и тоа откако неколку часа претходно фудбалерите на Црвено-црните му порачаа на газдата дека е време да си замине затоа што подолг период не може да ги исполни обврските кон нив.
Крстевски во своето соопштение објаснува дека веќе не може да го финансира клубот, но дека е во преговори со нови инвеститори. Писмото на Крстевски испратено до ТВ Телма ви го пренесуваме во целост.
„Почитувани, како сѐ уште актуелен сопственик на ФК Вардар, чувствувам одговорност јавно да одговорам на писмото од играчите, стручниот штаб и навивачката група Комити. Иако тие се запознаени што се случува со мене и со клубот во моментот, должен сум да одговорам и да ја запознаам јавноста. Јас клубот го презедов минатата сезона во лоша состојба, сите знаеме дека претходниот спонзор се откажа и дека во последен момент се појавив јас со мојата компанија да го преземам клубот, веројатно пред да згасне. Не сакам да барам изговори за мојот неуспех, но се сметам себеси за горд што како така успеав да го спасам најголемиот македонски бренд да преживее во најтешкиот период можеби од основањето.
Веќе неколку месеци сме во преговори и бараме решение со инвеститор од странство да го преземе раководењето на клубот, за тоа се запознаени стручниот штаб, кој патем присуствуваше на последниот состанок, играчите и навивачите. Она што сакам да го потенцирам, јас 5 месеци имав постапка да го преземам клубот и само на чесен збор даден од претходниот сопственик финансирав без никаков документ додека клубот не биде префрлен на мојата компанија, што се случи на 20.01.2022. Компанијата која е заинтересирана за преземање на клубот, нормално, како во секоја европска земја, сака прво да ги среди сите потребни документи, па дури потоа да финансира во клубот, процес кој веројатно ќе потрае уште неколку недели.
Веќе подолг период не сум финансиски во можност да ги подмирам примањата на вработените во ФК Вардар, за жал, мојата компанија претрпе големи загуби и доживеа финансиски крах. Периодов успевам да покријам дел од основните трошоци, колку што сум во можност да може барем некако да функционираме како клуб. Голема благодарност за навивчката група којашто помагаше периодот, како и до играчите и врботените што издржаа досега, сето тоа за Вардар, не за мене, тоа македонската јавност мора да го знае.
Јас останувам да помагам во клубот колку можам, продолжувам понатаму во завршна фаза на преговори со новиот спонзор, за што директно ќе биде вклучен дел од стручниот штаб за да биде се транспарентно, но еве нека биде ова покана до нашите стопанственици, политичари и државници да се вклучат во борбата за Вардар, нека размислат малку сите каков бренд имаме и во каква состојба е, јас му стојам на располагање на секој оној дали како поединец или како државна институција кој сака да помогне или да го преземе финансирањето и раководењето на Вардар, дотогаш продолжуваме со преговорите со новиот спонзор, за кој сметам дека ќе биде решение на долги патеки за Вардар. Вардар ќе живее!!!“, стои во соопштението на Крстевски кое го пренесе „Телма“.