Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, се одлучи да упати повик до фудбалерот на Адана, Јован Манев. Новиот фудбалер во репрезентацијата доаѓа откако Висар Муслиу беше поштеден и тој се врати во својот клуб, Инголштад.
Јован Манев ќе очекува свое деби на пријателскиот натпревар против Фарски Острови во понеделник, со оглед на тоа дека ќе недостасуваат уште неколку репрезентативци.
Ѓоко Зајков исто така нема да биде комбинација откако вчера доби удар во главата. Поради повреда, натпреварот против Фарските Острови ќе го пропуштат и Аријан Адеми и Дориен Бабунски.
Ослободен од обврските кон репрезентацијата во овој прозорец е и голманот Столе Димитриевски, кој се врати на клупските обврски во Рајо Ваљекано.
Натпреварот против Фарски Острови ќе се одигра во понеделник, со почеток во 18 часот.