Екипата на Ливерпул би можела налето да остане без пет фудбалери на кои им истекуваат договорите и би заминале без обесштетување. Според медиумите од Англија раководството на Ливерпул подготвува комплетна реконструкција на составот, со оглед на лошите резултати оваа сезона.
Помеѓу оние кои ќе си заминат ова лето најзвучно име е Роберто Фирмино, кој за клубот од Енфилд одигра 352 натпревари, на кои постигна 107 погодоци на кои додаде и 78 асистенции.
Следен на списокот е играчот од средината на теренот, Наби Кеита. Тој пристигна од Лајпциг за 60 милиони евра, но никогаш не ја оправда сумата која беше вложена во него.
На излезна врата е и поранешниот англиски репрезентативец Алекс Окслејд-Чемберлејн, кој во текот на целиот престој во Ливерпул имаше проблеми со повредите.
Во летниот преоден рок ќе си замине и 37-годишниот заменик капитен Џејмс Милнер, кој изминатите 8 години го носеше дресот на Ливерпул, откако си замина од Манчестер Сити.
Веројатно најмал проблем ова лето ќе биде заминувањето на резервниот голман Адриан. Тој во Ливерпул пристигна во 2019 година и настапи на само 26 натпревари, на кои прими дури 36 голови. Мрежата успеа да ја сочува чиста на само седум натпревари.
Ливерпул во моментов се наоѓа на шесттата позиција на табелата со неверојатни 27 поени помалку од водечкиот Арсенал.