Со четири натпревари започна 19-тото коло од Првата кошаркарска лига на Македонија. Најинтересно беше на градското дерби помеѓу Феникс и ТФТ, кое го добија гостите со 66-76. Двете екипи се во голема битка за што подобар пласман пред почетокот на плеј-офот и со оваа победа екипата на ТФТ речиси сигурно ќе заврши во првата четворка на табелата.
Интересно беше и во Струмица, од каде екипата на ФМП се враќа со значајна победа во борбата за опстанок. Победникот на овој натпревар беше решен во самиот финиш и сега ФМП има предност од две победи пред својот денешен противник.
Најубедливата победа денес ја забележаа кошаркарите на Работнички, откако буквално го “растурија“ Куманово на негов терен со 28 поени разлика, односно 54-82.
На последниот натпревар Гостивар го победи Чаир со 97-93 на гостински терен.
Колото продолжува утре со натпреварот Кожуф – Пелистер, а ќе биде затворено во вторник со дуелот Еуро Никел – МЗТ Скопје.
На табелата, речиси сигурно МЗТ Скопје ќе го освои првото место во регуларниот дел. Го следат Пелистер, ТФТ и Гостивар. Втората четворка која води во плеј-офот го предводи Работнички, а следуваат Феникс, Еуро Никел и Кожуф.
Интересно е и на дното од табелата. Чаир, ФМП и Куманово имаат по 23 поени, односно два повеќе од последнопласираната Струмица.