Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година денес ќе го одигра последниот натпревар на подготовките во Анталија против Словачка. Селекцијата предводена од селекторот Драги Канатларовски во Анталија запиша еден убедлив пораз од Летонија со 3-0 и победа над Финска на пенали.
Фудбалерот на Работнички, Стефан Деспотовски, ги анализира досегашните игри на Анталија куп 2023, но и го најавува дуелот против Словачка.
„Навистина сум многу среќен што брзо и одлично успеав да се вклопам во тимот. Се чувствувам како да сум со години дел од оваа репрезентација. Функционирам одлично со сите, владее одлична енергија помеѓу нас играчите. Работиме напорно и максимално на сите тренинзи, сложни сме и мотивирани. Ги слушаме советите на селекторот, тој има јасна идеја како треба да играме, се трудиме максимално на сите натпревари и тренинзи да го одиграме тоа што се бара од нас. Подготвени сме за борба и докажување. Сакаме да покажеме колку вредиме.
Против Летонија немавме свој ден. Доминиравме во текот на натпреварот, но по наши грешки дозволивме да примиме три гола. Успеавме брзо да ги консолидираме своите редови, тоа го докажавме на дуелот со силната репрезентација на Финска. Одигравме цврст натпревар, со голема борба, пожртвуваност и трчање. Благодарение на тој пристап, на крајот излеговме како победници на тој тежок меч.
Останува уште последната средба против Словачка во овој подготвителен период. Сакаме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и со победа да ги заокружиме овие припреми во Белек.”
Натпреварот започнува во 17 часот и 30 минути. Квотата за победа на Македонија на овој натпревар во Sport Life е одлична, дури 2.70.