Како од бајка: Село од 900 жители ќе игра во четвртфинале од ЛШ и тоа против актуелниот европски владетел

Село во кое има само 907 жители синоќа се најде во центарот на мапата на ракометна Европа откако доби свој тим меѓу осумте екипи во Лигата на шампиони. ГОГ е клубот кој доаѓа од местото Гудме во Данска, кое има помалку од 1.000 жители.

ГОГ испиша историја откако вчера успеа со 32:24 да го победи Алборг и на тој начин да ја анулира негативата од два гола по првиот меч за пласман во четвртфиналето во елитната Лига на шампиони. Интересно е дека ГОГ играше во полна сала, пред 2.500 навивачи, што е трипати повеќе од бројот на жители во Гудме.

Со овој пласман на ГОГ во четвртфиналето, Гудме стана најмалото место со свој тим во оваа фаза од ЛШ. Низ историјата на ЛШ, Гудме е шестото населено место кое има свој тим во четвртфиналето од ЛШ, а е со помалку од 50.000 жители. Претходно тоа беа Лемго (41.000 жители), Целје (38.000), Копер (25.000), Метковиќ (17.000), Цетиње (14.000) и Скјерн (8.000 жители). Сепак, Гудме е уникат и единствено место со помалку од 1.000 жители, а да игра меѓу најдобрите осум во Европа.

Следниот ривал на ГОГ ќе биде никој друг, туку актуелниот европски првак Барселона. Каталонскиот гигант не само што е актуелен владетел, туку со 11 европски трофеи тоа е и најтрофејниот клуб во Лигата на шампиони.

- Оглас -

Најнови вести