По паузата поради репрезентативните настапи, од вечерва продолжија возбудувањата во националните шампионати во европските лиги и сите три натпревари од петте најсилни лиги завршија без победник.
Во Бундеслигата, 26-то коло го отворија Ајнтрахт Франкфурт и Бохум кои одиграа 1:1. Гостите поведоа во 14-та минута со голот на Јапонецот Асано, а осум минути подоцна, Рандал Коло Муани беше сигурен реализатор на пеналот за 1:1, резултат кој се покажа како конечен.
Идентичен резултат имаше и на дуелот од 29-то коло од француската Лига 1 меѓу Олимпик Марсеј и Монпелје. И на овој натпревар имаше идентично сценарио. Гостите поведоа во 12-та минута преку Нордин, а домашниот тим израмни во финишот од првиот дел, а сигурен реализатор на пеналот беше Матео Гендузи.
Во Ла Лига, Мајорка и Осасуна одиграа без голови во првиот натпревар од 27-то коло.