Милан го понижи Наполи како никој до сега

Идниот шампион на Италија, екипата на Наполи дожиеа вистински дебакл на домашен терен од Милан со 4-0. Иако статистички Наполи беше подобрата екипа, со подобар посед на топка и повеќе удари, сепак во фудбалот најважни се головите, а во тој сегмент Милан без конкуренција беше доминантен.

Серијата на голови во мрежата на Мерет ја отвори Рафаел Леао во 17. минута. До крајот на првиот дел Милан постигна уште еден погодок преку Брахим Диаз во 25. минута.

Во вториот дел Милан продолжи таму каде што застана. Рафаел Леао повторно стрела во мрежата на Наполи, овојпат во 59. минута. Конечните 4-0 за Милан беа постигнати во 67. минута со погодокот на Алексис Салемакерс.

Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас, натпреварот го започна од клупата за резервни играчи, а во игра беше уфрлен во 68. минута кога веќе Наполи губеше со 4-0.

И покрај поразот, Наполи останува убедливо на лидерската позиција во Серија А со 16 поени предност пред второпласираниот Лацио. Милан со оваа победа се искачи на третата позиција со 51 бод, еден повеќе од главните конкуренти за пласман во Лигата на Шампиони, Интер и Рома.

- Оглас -

Најнови вести