Титулата во Монте Карло му се насмевнува на Новак, двајцата главни конкуренти го откажаа настапот

Двајцата најдобри шпански тенисери на денешницата, Рафаел Надал и Карлос Алкарас, се откажаа од настап на првиот турнир од серијата Мастерс 1000 што годинава ќе се игра во Европа, во Монте Карло.

Надал го откажа учеството на Мастерсот во Монте Карло, каде што славеше дури 11 пати, поради повредата на колкот, која не успеа да ја залечи навреме.

„Здраво на сите, сè уште не сум подготвен да се натпреварувам на највисоко ниво. Нема да можам да играм на еден од најважните турнири во мојата кариера, во Монте Карло. Го продолжувам процесот на рехабилитација и се надевам дека наскоро ќе се вратам на терените“, соопшти Надал.

Надал последната титула во Монте Карло ја освои во 2018 година, а последен пат настапи во 2021 година, кога беше елиминиран во четвртфиналето.

Веднаш по Надал, своето учество на Мастерсот го откажа и вториот светски тенисер, Карлос Алкарас.

„По два месеца во странство, среќен сум што се враќам дома, но исто така тажен сум бидејќи последниот меч во Мајами го завршив со проблеми. По посетата на доктор во Мурсија, ми беше препорачано да одморам и да го прескокнам турнирот во Монте Карло“, објави Алкарас.

Младиот Шпанец има проблеми со левата рака и со кичмата и поради тоа докторот му препорача да мирува во следните десетина дена.

Настапот во Монте Карло го откажа и седмиот тенисер на АТП ранг-листата, Феликс Оже-Алијасим, поради повреда на коленото.

Мастерсот во Монте Карло ќе се одржи од 9 до 16 април, а главен фаворит за титулата ќе биде Новак Ѓоковиќ, кој ги пропушти турнирите во САД.

- Оглас -

Најнови вести