Екипата на Тотенхем само за неколку дена доживеа два тешки удари. Лондонскиот тим најпрво беше елиминиран во полуфиналето од Лига купот, откако на пенали загуби од Челзи и остана без трка за трофејот на „Вембли“ против Манчестер сити.
По тој неуспех против Челзи, синоќа Тотенхем го дочека нов шок. Во ФА купот, фаворизираниот тим загуби од Кристал палас со 2-0 и ги загуби шансите и за трофејот во најстарото клупско натпреварување во светот. До два потези, Тотенхем остана без шанса за трофеј во Куповите, па сега останува да се фокусира на првенството, но таму е сè подалеку од трката за пехарот.
Тотенхем веќе заостанува девет бода зад лидерот Ливерпул и е со сè помали шанси за титулата во Премиер лигата. Тотенхем е една од оние екипи кои од сезона во сезона ја подобрува играта, но нема резултати за пехар. Последната радост за лондонскиот клуб е трофејот во Лига купот освоен во 2008 година. Тоа значи дека повеќе од една деценија трае постот без никаков трофеј за клубот кој верува дека има квалитет за голем дострел.
По поразот од Кристал палас, тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино имаше утешна изјава.
„Изгледа дека повторно ќе водиме дебата за тоа дали трофеите се потребни за Тотенхем да го поткрене нивото на играта. Секако дека секој може да мисли што сака, но јас сметам дека тоа не е така. Трофеите се освојуваат за да се зајакне егото, но клубот може да напредува дури и ако не освојува трофеи. Ако мене ме прашате, најголем успех ќе биде ако завршиме во топ 4 во Премиер лигата“, рече Покетино.