Ракометарите на Вардар со убедливи 38:25 ја совладаа Војводина во првиот четвртфинален натпревар во СЕХА-лигата и со едната нога е веќе на завршниот турнир.
Победникот беше најавен уште пред почетокот на натпреварот, откако гостите не дојдоа со најсилниот тим бидејќи вчера играа натпревар во српскиот шампионат.
Вардарци фуриозно го започнаа натпреварот, поведоа со 5:0, додека ракометарите на Војводина првиот гол го дадоа во седмата минута.
Црвено-црните продолжија со фуриозна игра и по 15 минути имаа плус девет (13:4), а на одмор заминаа со 22:11. Второто полувреме започна со гол на Филип Талески, а Вардар за првпат предност од 13 гола имаше во 37-мата минута, по голот на Јан Чувара.
До крајот на мечот, Црвено-црните рутински ја одржуваа предноста и за реваншот во Нови Сад, кој ќе се игра в вторник, обезбедија залиха од 13 гола.
Најрасположен за голови кај Вардар беше Јан Чувара, кој десетпати ја тресеше противничката мрежа, осум гола даде Јоел Куни Моралес, а пет Леонардо Дутра.
Кај Војводина, најпрецизен беше Сијан со 10 постигнати голови.