Гинтер Пархе, Германецот кој на 30 април 1993 година со нож ја нападна тогаш најдобрата југословенска и светска тенисерка Моника Селеш, почина. Според денешната вест на германскиот весник Билд, Пархе починал уште во август 2022 година, но тоа дури денеска е обелоденето за јавноста.
Инцидентот се случи на дуел меѓу Селеш и Магдалена Малеева во четвртфиналето на турнирот во Хамбург. По завршување на еден гејм, Селеш одмораше на своето столче, кога неочекувано од зад грб се појави Пархе и со нож ја прободе Селеш во задниот дел од телото. Пархе кој бил опседнат навивач на Штефи Граф (голема ривалка на Селеш) беше уапсен, а Селеш заврши во болница со убод длабок 4 сантиметри.
Повеќе од две години траеше отсуството на Селеш од светскиот тенис, а пред да биде нападната, таа беше тенисерката која доминираше во светски рамки. Иако немаше ниту 20 години, како тинејџерка успеа да освои три титули на Австралија опен (1991, 1992, 1993), три трофеи на Ролан Гарос (1990, 1991, 1992) како и два трофеи на САД опен (1991, 1992). Едноставно Селеш беше доминантна, што веројатно беше фрустрирачки за Пархе кој беше навивач на Граф.
Напаѓачот на Селеш помина помалку од шест месеци во притвор, а на судењето било утврдено дека е психички нестабилен, па пресудата била само двегодишна условна затворска казна и психолошки третман. Селеш била многу разочарана од оваа казна за нејзиниот напаѓач и вети дека никогаш повеќе нема да се врати во Германија да игра таму, бидејќи била многу разочарана од германскиот правен систем.
„Од моментот кога бев прободен, мислам дека обезбедувањето не се промени. Она што луѓето се чини дека го забораваат е дека овој човек ме избоде намерно и не одлежа никаков вид на казна за тоа. Не би се чувствувал удобно да се вратам назад. Не предвидувам дека тоа ќе се случи“, беше реакцијата на Селеш, која по овој напад, се врати на теренот, успеа да освои само уште еден Гренд слем и тоа во Австралија во 1996 година.
На крајот, Селеш кариерата ја заврши со 53 освоени титули и 595 победи и само 122 порази (83 отсто победи од мечевите). Доколку не беше тој напад, Селеш сигурно ќе беше многу поуспешна тенисерка, посебно ако се знае дека за време на нападот, таа имаше само 19 години.
Пархе во последните 14 години ги поминал живеејќи во старачки дом, а последните четири недели едноставно само лежел во креветот. Починал на 68 години.