Струга Трим Лум продолжува со добрите игри на свој терен и без многу проблеми славеше над Тиквеш со 2:0 во меч од 29-тото коло во Прват фудбалска лига. Со оваа победа Струга стигна до 56 бода и се зацврсти на лидерската позиција на табелата, пред Шкендија, која има 51 бод.
Уште во петтата минута Давков си постигна автогол и донесе радост за домаќините на стадионот во Струга. Вториот гол беше постигнат на стартот од второто полувреме, кога Шабани беше прецизен.
Во дербито на колото, Шкендија и Силекс одиграа без голови на теренот во Тетово. Со ова реми Шкендија ја прекина низата од шест победи по ред, а Силекс уште еднаш потврди дека е опасен на гости, каде што во 12 средби има само два порази. Ова реми на Шкендија и Силекс најмногу му одговара токму на лидерот Струга Трим Лум, кој сега има пет бода повеќе од Шкендија.
Шкупи немаше проблеми и со 3:0 славеше над Брегалница од Штип, а стрелци на головите беа интернационалците на Чаир. Адетунџи погоди за 1:0 во 17-тата минута, а во второто полувреме истиот играч беше прецизен во 63-тата минута за 2:0. Во 74-тата минута погоди и Алварес потврдувајќи ја доминацијата на домашниот тим.
Резултати: Академија Пандев – Победа 2:0, Македонија ЃП – Скопје 2:0, Шкендија – Силекс 0:0, Шкупи – Брегалница 3:0, Струга – Тиквеш 2:0.
Табела: Струга ТЛ 56 бодови, Шкендија 51, Шкупи 49, Силекс 44, Брегалница 37, Македонија ЃП 36, Тиквеш 31, Работнички 31, Академија Пандев 26, Скопје 19, Победа 13.