Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, изјави дека е потребно да се воведе „селари кап“ во фудбалот, односно да се ограничи буџетот за плати на екипите.
„Во блиска иднина мораме сериозно да размислуваме за ограничување на платите. Буџетот на најбогатите екипи отидоа предалеку и тоа не е добро за бизнисот. Ако постојано пет или шест екипи ја освојуваат Лигата на шампионите, нема да има никаква смисла ова натпреварување. Но, за да се стави ред со платите, потребен ни е колективен договор. Бадијала ќе биде сè доколку само УЕФА го применува „селари капот“, а најголемите лиги го игнорираат. Мора да креираме правила кои ќе важат за сите“, изјави Чеферин.
Првиот човек на европскиот фудбал откри дека сè поголем број луѓе и клубови се согласуваат со неговиот предлог.
„Засега сите се согласуваат со предлогот, големи екипи, мали екипи, тимови кои се во сопственост на навивачи или на држави, на милијардери. Сите тие се согласуваат дека мора да се воведат ограничувања“.