Кошаркарската репрезентација на Македонија претстојното лето, односно од 12-ти до 20-ти Август ќе учествува на претквалификациски турнир за пласман на Летниоте Олимписки Игри во Париз во 2024-тата година.
Ваквите турнири се новост, а во Европа ќе учествуваат 16 репрезентација, поделени на два турнири од по 8 екипи. Со оглед на тоа дека ждрепката ќе биде полудиригирана, познато е дека Македонија ќе учествува на турнирот кој заеднички ќе го организираат Полска и Естонија, односно градовите Гливице и Талин.
Турнирите ќе бројат по 8 екипи кои ќе бидат поделени во две групи од по 4 екипи. Најдобрите две рангирани од секоја група продолжуваат во полуфиналето, а само победниците од турнирите ќе обезбедат пласман во главните квалификации за ЛОИ.
Во очекување на ждрепката, веќе се познати и можните противници на нашата репрезентација. Од првиот шешир можни противници ни се Чешка и домаќинот Полска, потоа од четвртиот се Израел и Босна и Херцеговина, и од петтиот барабан можни противници се Унгарија и вториот домаќин, Естонија.
Вториот турнир од европската зона, самостојно ќе го организира Истамбул. Останатите три ФИБА турнири ќе бидат организирани во главниот град на Нигерија, Лагос (Африка), во Аргентина (Америка) и останува непознат само организаторот за зоната Азија.
За репрезентацијата на Македонија ова ќе биде второ учество во квалификациите за ЛОИ, иако првото беше директно во главните квалификации, откако го освоивме четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011-тата година. Квалификациите за ЛОИ во 2012-тата година ги завршивме на седмото место и не успеавме преку турнирот во Каракас (Венецуела) да обезбедиме историско учество на Летните Олимписки Игри.