Фудбалерите на Тулуз се новите освојувачи на Куп трофејот во Франција. Во финалето на „Сент Дени“ во Париз, Тулуз убедливо со 5:1 го победи Нант, тимот кој го бранеше трофејот од минатата година.
За Тулуз ова е највредниот трофеј освоен во последните 60-тина години. Инаку Тулуз го има освоено Купот во 1957 година уште кога играле во црвено-бели дресови, а потоа клубот во 1967 година згаснал. Во 1970 година повторно бил втемелен Тулуз и сега дојде време да се радуваат на пехарот во Купот.
Во финалето, Тулуз сите дилеми ги реши за само 30-тина минути. Логан Коста со два гола во 4 и 10 минута покажа дека Тулуз е подготвен за трофејот, а водството беше зголемено на 4:0 и тоа со двата погодоци на Далинга во 23 и 31 минута.
Во второто полувреме Блас постигна почесен погодок за Нант, а „петардата“ пукна кога Абукал погоди за 5:1 во 79 минута.