Денешниот натпревар на ракометната репрезентација на Македонија против Турција во рамки на квалификациите за ЕП 2024, беше последен за крилото Гоце Георгиевски.
Играчот на Вардар, пред натпреварот доби подарок од претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, а по натпреварот, се најде во рацете на соиграчите.
Георгиевски репрезентативната кариера ја заврши на најдобар можен начин, од линијата за седум метри, го постигна последниот гол на натпреварот.
„Беше тешко, некако бев емотивно испразнет, а во мислите ми беше само со победа да завршиме. Триумфално да ја завршам репрезентативната кариера. Некако чувствував голем притисок, но на крај се излезе како што требаше. Среќен сум што вака испадна, со победа да се простам од дресот на националниот тим.
Беше тежок меч, а очекувавме вакво нешто, бидејќи Турција е добра рперезентација. Ја бркавме негативата од почетокот на второто полувреме и мислам дека последните 10 минути одигравме подобро во одбрана, во напад исто така. Митев даде доста важни голови. Среќен сум што завршивме со победа и што триумфално го заверивме овој пласман на ЕП“, изјави Гоце Георгиевски.