Миленковски промовиран како нов селектор на одбојкарската репрезентација

Одбојкарската федерација на Македонија го промовираше новиот селектор Јошко Миленковски, кој е повратник на оваа функција. На 27 мај почнуваат мечевите од Европската лига, а кон крајот на летото е ЕП на кое Македонија е еден од домаќините.

„По 15 години се враќам на селекторската позиција, мојата цел е да го продолжам рејтингот кој Македонија го градеше изминативе години. Првата цел е да го поминеме ова лето со колку што може подобри резултати, а за понатаму идејата е да работиме на создавање и едукација на тренери, создавање школа на одбојка и создавање нова генерација одбојкари. За резултатите и очекувањата ќе зборуваме кога ќе заврши Европската лига и кога ќе направиме анализа. Натпреварите во ова натпреварување ќе ни бидат еден вид подготовка за Европското првенство на кое ние сме кодомаќини“, рече Миленковски.

Миленковски нема потпишано договор со ОФМ, туку соработката се заснова на меѓусебна доверба. Во стручниот штаб на Миленковски ќе бидат помошниците Хари Наковски, Атанас Милев и Хабил Ајети.

На списокот на македонскиот селектор за подготовките за настапите во Европската златна лига се наоѓаат: Филип Деспотовски, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефтим Ричлиев, Давид Стојанов, Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов, Стефан Алексов, Милев, Александар Љафтов, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Ангел Бошков, Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски, Славе Наков, Иван Андонов, Дарко Ангеловски, Васе Михаилов и Костадин Ричлиев.

- Оглас -

Најнови вести