Модриќ ќе остане во Реал: Само прашање на време е кога ќе потпише нов договор

Договорот на Лука Модриќ со Реал Мадрид истекува точно за 55 дена. Нов сè уште не е потпишан, но според шпанскиот весник „Марка“, тоа може да се случи во секој момент.

„Продолжувањето на договорот на Модриќ е само прашање на време. Обновувањето на соработката ќе се случи веднаш по првата полуфинална средба од Лигата на шампионите против Манчестер сити, која се игра во вторник. Клубот му кажа на Лука дека не треба да се грижи. Модриќ и претседателот Флорентино Перес веќе имаат сè договорено“, пишува „Марка“.

Лука Модриќ во Реал Мадрид пристигна пред 12 години, кога Кралскиот клуб го купи од Тотенхем за 35 милиони евра. Хрватот за овој период стана вистинска легенда на Реал, со кого освои три првенства на Шпанија, пет титули во Лигата на шампионите, но и Златна топка. Модриќ во дресот на Реал Мадрид досега има одиграно 480 натпревари, на кои постигнал 37 погодоци, а 77 пати асистирал.

- Оглас -

Најнови вести