Менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, очекува Лионел Меси по завршување на сезоната, да се врати во Барселона.
Тој смета дека враќањето на Меси на „Камп ноу“ би било како приказна од бајките бидејќи би се пензионирал во тимот за којшто играше 20 години. Меси како 13-годишно момче пристигна во Барселона, а пред две години си замина од „Камп ноу“ и потпиша за ПСЖ бидејќи каталонскиот тим поради проблемите со финансискиот ферплеј не можеше да го регистрира новиот договор.
„Сигурен сум дека Меси ќе направи сè за да се врати во Барселона. Исто така сум сигурен и дека претседателот Лапорта ќе направи буквално сè и се надевам дека Меси ќе му каже збогум на фудбалот како што тој сака и заслужува. Меси е најдобриот фудбалер во историјата и се надевам дека ќе има простување од фудбалот какво што сака и заслужува, во дресот на Барселона“, изјави Гвардиола.
Договорот на Меси со му ПСЖ истекува на крајот од сезоната и медиумите веќе шпекулираат кој ќе биде идниот клуб на Аргентинецот. Неговото име најчесто се поврзува со шампионот на Саудиска Арабија, Ал-Хилал, но сè поголем е бројот на медиуми и фанови кои веруваат дека Меси ќе се врати на „Камп ноу“.