Реал Мадрид е последниот патник на фајналфор-турнирот во кошаркарската Евролига откако во мајсторката со 98:94 го совлада Партизан.
Кралевите станаа првиот тим во историјата на Евролигата кој славел во нокаут-фазата откако загубил на првите два меча.
Првите четири меча завршија со победи на гостите, Партизан славеше во Мадрид и поведе со 0-2 во победи за Кралевите да возвратат со два триумфа во Белград и да се изборат за мајсторка пред своите гледачи, во која славеа и ќе играат во Каунас.
Црно-белите одиграа фантастично прво полувреме, кое го добија со убедливи 55:39 и тоа благодарение на одличниот шут за три поени (Пантер погоди три тројки, Нанели две, а Ексум една), а притоа успеаја да го запрат Валтер Таварес.
Но, Кралевите се вратија во третата четвртина, која ја добија со 30:21, а во 35-тата минута израмнија на 81:81. Една минута подоцна, Серхио Љуљ постигна пет поени по ред и му донесе водство на Реал од 88:83.
Црно-белите намалија со тројката на Пантер, но Хезоња одговори на идентичен начин и ја врати предноста од пет поени.
На две минути до крајот, Реал имаше плус девет (97:88), но кошаркарите на Партизан не се предадоа и направија серија 6:0 благодарение на Ексум и Ледеј. Во финишот, Партизан имаше шут за израмнување, но Пантер и Ексум промашија и го испратија Реал Мадрид на фајналфор-турнирот.
Џанан Муса со 20 и Серхио Родригес со 19 поени беа најдобри кај Реал Мадрид, додека во редовите на Партизан одличен беше Кевин Пантер со 28 постигнати поени.
Пласманот на завршниот турнир, кој ќе се игра во Каунас, Литванија, преку мајсторка го обезбеди и Монако, кој пред своите гледачи славеше со 97:86 против Макаби Тел Авив. На патот до првото учество на фајналфор во Евролигата, Монако го предводеа Мајк Џејмс и Џордан Лојд, кои постигнаа по 21 поен.