Ливерпул речиси 30 години чека да да се израдува на трофеј во англиското првенство. Клубот кој е веднаш зад Манчестер јунајтед по бројот на титулите, моментно е лидер во Премиер лигата и е на добар пат да ги израдува своите навивачи.
Вечерва на „Енфилд роуд, Ливерпул ќе игра против Лестер и со евентуална победа, ќе има дури седум бода пред второпласираниот Манчестер сити, кој синоќа неочекувано загуби на гостувањето кај Њукасл. Ако Ливерпул ги освои трите бода, тогаш историјата вели дека Ливерпул речиси сигурно ќе биде шампион.
Само еднаш досега се случило во овој период од годината лидерот кој имал 7 или повеќе бодови пред второпласираниот тим, на крајот да не биде првак. Тоа се случило во 1996 година, кога Њукасл предводен од Кевин Киген имаше дури девет бода пред Манчестер јунајтед, но на крајот од шампионатот составот на Сер Алекс Фергусон успеа да ја надополни негативата и да стигне до трофејот.
По мечот со Лестер, на Ливерпул ќе му останат уште 14 кола до крајот, а најтешки мечеви би требало да му бидат против Манчестер јунајтед на гости, како и дерби-дуелите против Челзи и Тотенхем коишто треба да се играат на „Енфилд роуд“.