Вардар ќе ги расчисти сите долгови кон фудбалерите, стручниот штаб и вработените и веројатно ќе го фати последниот рок на УЕФА, кој истекува утре, и ќе може да игра во европските купови.
УЕФА му даде рок на раководството на најтрофејниот македонски клуб да ги расчисти сите долгови до крајот на јануари, а Вардарци речиси сигурно ќе го фатат последниот воз. Во спротивно, Вардар нема да може да игра во европските купови, а ќе ја одлежи суспензијата во една од двете следни евросезони, и тоа само ако оствари пласман во домашното првенство, што гарантира настап во квалификациите за Лигата на шампионите или за Лигата на Европа.
„Црвено-црните“ веќе заработија и парична казна од УЕФА во висина од 100 илјади евра поради ненавремено плаќање на обврските кон фудбалерите, стручниот штаб и административците во клубот. Тие пари веќе се во касата на УЕФА, која му одби „стотка“ на Вардар при исплата на парите за настап во квалификациите за Лигата на Европа за сезоната што сè уште е во тек во Европа.