Необична ситуација се случи вчера во шпанското првенство откако на дуелот Ваљадолид – Севиља беше поништен погодок на домаќините. Се играше судиското надополнување од првиот дел кога домаќините дадоа гол, но буквално една секунда пред топката да влезе во мрежата, судијата Мигуел Анхел Ортиз Ариас отсвири крај на првиот дел.
Домаќините беа во напад, топката беше шутната кон голот, а судијата без да види дека таа оди во голот, отсвири крај. Залудна беше прво радоста, а потоа и протестите на домашните фудбалери, кога резултатот по првиот дел остана 0:0.
Во вториот дел, Севиља постигна три гола и стигна до победа, но факт е дека ако резултатот беше 1:0 на полувреме, ситуацијата во вторите 45 минути ќе беше поинаква. Поради оваа судиска одлука да биде поништен погодокот, а со реакција се јави газдата на Ваљадолид, прославениот бразилски фудбалер Луис Назарио де Лима Роналдо.
„Недозволиво е ова што е случи. Молчевме досега обидувајќи се на најразличен друг начин за јавно да го изразиме своето незадоволство во јавноста. Но сега е доста! Ова е професионален фудбал и бараме објаснување. Грешка од ваква димензија може да ја промени целата сезона. Едно нека биде јасно! Ние сме Ваљадолид и ќе се бориме против сите. Никој не може да ни го одземе нашиот тим, нашите навивачи, нашиот град“, беше пораката испратена од Роналдо.
По 34 кола, Ваљадолид има 35 бода и е на 17-тото место на табелата, кое е последно што носи спас од испаѓање. Хетафе, кој е на 18-тото место, има 34 бода, што значи дека во последните четири кола ќе биде жестока битка за опстанок.