За 90 години Рома играше две европски финалиња, а потоа дојде Мурињо и само за две сезони го повтори тој успех

На Рома ѝ беше потребно да постигне само еден гол во двата меча против Баер Леверкузен за да го елиминира германскиот тим во полуфиналето од Лигата на Европа. Римската волчица ќе игра во финалето, и тоа против Севиља, клубот кој е експерт за титули во ова натпреварување со рекордни шест трофеи.

Рома е актуелен бранител на тронот во Конференциската лига, која ја освои минатата сезона, а сега има шанса да донесе европски трофеј во посилното натпреварување на УЕФА.

Тоа што е впечатливо е дека Рома само во две сезони ќе игра две европски финалиња, што е неверојатен успех ако се знае нивната претходна историја. Клубот кој постои 95 години, во претходните 93 сезони само двапати имаше играно европско финале.

Тоа се случило во 1984 година во Купот на европските шампиони, како и Купот на УЕФА во 1991 година. Волчицата во 93 години играше две финалиња, а откако Мурињо дојде на клупата како предводник, клубот сега има две финалиња во две сезони.

„Мојата грижа не е да се запишам во книгите за историја на Рома. Најважно е да им помогнам на фудбалерите да станат подобри, да достигнат важни цели. Исто така да им помогнам на навивачите на Рома да уживаат во уште едно финале. Добро е за италијанскиот фудбал што во сите три финалиња има клуб од Серија А“, вели Мурињо.

- Оглас -

Најнови вести