Екипата на Еурофарм Пелистер и официјално е нов ракометен шампион на Македонија. Согласно рејтингот на ЕХФ, Македонија има загарантирано место во групната фаза на Лигата на шампионите, како една од деветте земји со најдобар рејтинг. Тоа значи дека Еурофарм Пелистер се враќа во најквалитетното европско клупско натпреварување после 17 години.
Последен настап на битолска екипа во Лигата на шампионите е во сезоната 2019/2020 кога Еурофарм Работник беше дел од групната фаза, но пред да се направи спојувањето со Пелистер.
Според рејтингот на ЕХФ, освен Македонија, директен пласман во групите на Лигата на шампионите имаат загарантирано и прваците на Шпанија, Германија, Франција, Унгарија, Данска, Полска, Португалија и Словенија.
Освен шампионот на Македонија, познати се и победниците на првенствата на Шпанија и Словенија. Тоа се екипите на Барселона и Цеље, кои заедно со Еурофарм Пелистер се сигурни учесници во групната фаза за следната сезона.
Останатите шампиони дополнително ќе бидат одлучени. Во Германија се води голема битка помеѓу Кил, Магдебург и Фиксе Берлин, а до крајот има уште три кола.
Интересно е и во Франција каде Монпеље, Нант и ПСЖ водат голема битка за титулата, но “светците“ имаат два натпревари помалку од лидерот и може лесно да се вратат на врвот.
Во Унгарија останува уште само едно коло до крајот на првенство, а ПИК Сегед е многу блиску да го урне големиот Веспред. Сегед има бод предност пред најголемиот конкурент и потребна му е победа во последното коло на домашен терен против Комлои за освојување на титулата во Унгарија.
Во данското првенство во тек е полуфиналето на плеј-офот во кое разигруваат Алборг, Фредериција, ГОГ и Скјерн.
Шампионот на Полска ќе го дознаеме денес, бидејќи во последното коло се среќаваат најголемите ривали Килце и Висла Плок. Токму Висла е лидер со три поени предност пред Килце, на кого потребна му е победа со три или повеќе голови за титулата во Полска, бидејќи првиот натпревар го доби Висла со 29-27.
Возбудувања ќе има и во првенството на Португалија, каде на тридвекола до крајот на лигата со шанси за титулата се Порто, Спортинг и Бенфика.
Дополнително ЕХФ ќе додели и седум специјални покани за да се комплетира бројката од 16 екипи во Лигата на шампионите, кои ќе бидат поделени во две групи од по осум екипи, што значи дека Еурофарм Пелистер ќе одигра најмалку 14 натпревари.