Екипата на Фарул од Констанца е нов шампион на Романија откако ја доби лудата завршница со ФЦСБ (екс Стеауа). Екипата во која мнозински сопственик и тренер е легендарниот поранешен фудбалер Георге Хаџи, до својата прва титула во историјата дојде во директен дуел против ФЦСБ, но дури отако имаше негатива од 0-2 само по 17 минути игра.
Во продолжение на мечот најпрво Матеус намали на 1-2 во 42-рата минута, а вистинското лудило се случуваше во второто полувреме. Балуца во 59-тата минута израмни на 2-2, а Мунтеану во 86-тата минута направи комплетен пресврт и ја донесе првата титула за клубот каде што Хаџи ја започна својата блескава кариера.
Веќе познат факт е дека романската легенда има македонско потекло, а екипата на Фарул Констанца низ историјата има одиграно и европски двомеч против македонска екипа. Летото 2006 година во поранешниот Интертото куп во првото коло се сретнаа Фарул и прилепска Победа. Двомечот го добија Романците откако во Прилеп одиграа 2-2, а на реваншот на домашен терен победија со 2-0.