Меси: Некои заборавија дека ние сме Барселона

Барселона синоќа уште еднаш ја покажа силата и тоа дека за неа нема резултат кој не може да се достигне. Откако во првиот дуел од четврт-финалето на Купот загуби со 0-2 кај Севилја, излезе податок дека Барселона само еднаш во историјата успеала да надополни негатива од 0-2 во Купот.

Сепак, синоќа на „Камп ноу“ домаќините не само што ја надополнија негативата, туку на крајот победија со убедливи 6-1. Барселона по рекорден деветти пат во низа е дел од полуфиналето во ова натпреварување. По мечот, се огласи и најдобриот играч на Барселона, капитенот Лионел Меси.

„По поразот во Севилја, многумина велеа дека е готово и дека сме елиминирани од Купот. Дека не сме сакале да го освоиме трофејот во Купот, дека тоа не нѐ интересирало. Сега на сите им е повеќе од јасно дека ние ги сакаме трофеите во сите натпреварувања. Тоа е обврска за Барселона“, рече Меси.

На дуелот против Севилја, тој го постигна и јубилејниот 50-ти погодок во Купот на Шпанија, и тоа на феноменален начин. Барселона изведе перфектен контранапад, а Меси беше реализатор.

- Оглас -

Најнови вести