Жоао Кансело оваа сезона стана шампион на Англија со Манчестер сити и на Германија со Баерн Минхен бидејќи е под договор со Граѓаните, а како позајмен настапуваше за Баварците.
Неговата позајмица заврши со крајот на сезоната и тој ќе се врати на „Етихад“, каде што има договор до 2027 година. Баерн Минхен не сака да го откупи и во иднина нема да смета на неговите услуги. Ниту Манчестер сити не е пресреќен од неговото враќање, па летово ќе се обиде да го продаде.
Интерес за Португалецот веќе пројави Арсенал, а се споменува дека и кај Барселона постои желба за негов трансфер, но клубот од Каталонија има финансиски проблеми и тешко дека ќе може да реализира ваков трансфер.
Откупната клаузула за Кансело е 70 милиони евра, а неговата проценета вредност на пазарот е 60 милиони евра.