Реал Мадрид вечерва ќе гостува кај Жирона во реванш-мечот од Купот на Шпанија, во обид да стигне до полуфиналето. Кралскиот клуб има одлични шанси за тоа бидејќи на првата средба во Мадрид победи со 4-2 и сега не смее да си дозволи луксуз и пораз со два гола разлика.
Пред мечот со Жирона, капитенот на Реал, Серхио Рамос, ги собра соиграчите на вечера, каде што имаше да им каже нешто многу важно.
„Никој не смее да го напушти овој брод и сите мора да весламе во ист правец. Навреме се вративме во живот и уште можеме да освоиме двојна круна. Лигата на шампионите и Купот на Шпанија мора да бидат наши“, нареди Рамос, додека останатите играчи внимателно го слушаа.
На вечерата не присуствувале само тројца играчи. Кејлор Навас во тој период стандардно одел на молитва, Тони Крос никогаш не одел на вечерни излегувања, а Герет Бејл едноставно не сакал да учествува во тим-билдинг програмата.
Според овие зборови на Рамос, капитенот на Реал се има откажано од трката за титулата во Примера, но затоа Купот на Шпанија очекува да заврши во витрините на „Сантијаго Бернабеу“, а се надева дека ќе продолжи и европската доминација во Лигата на шампионите, каде што Реал три сезони по ред е на тронот.