Меси денеска ќе одлучи каде ќе игра следната сезона: Два клуба се со исти шанси, за два други постои само теорија!

Лионел Меси денеска ќе донесе одлука во кој клуб ќе игра следната сезона, тврди каталонскиот „Спорт“. Според пишувањата, Аргентинецот ќе одлучува меѓу четири клуба, а со донесување на одлуката, Меси ќе стави крај на сите шпекулации.

„Не сака од неговиот трансфер во следниот клуб да се прави сапуница. Сака што е можно порано да го реши тоа и решен е брзо да донесе одлука“, стои во текстот на каталонскиот медиум.

Меси, кој има 35 години, летово е слободен играч откако му истекува договорот со Пари Сен Жермен, што значи дека без никакво обесштетување може да си најде нов клуб. Вкупно четири клуба се во игра, а два имаат подеднакви шанси.

„Во овој момент шансите изгледаат вака: Ал-Хилал има 40 отсто шанси да го доведе Меси. Со исти 40 отсто е и Интер Мајами, додека да се врати во Барселона шансите се 15 отсто. Само 5 отсто е веројатноста дека ќе остане во ПСЖ“, анализира каталонскиот „Спорт“.

Веќе поодамна се најавува дека саудискиот Ал-Хилал му нуди на Меси најголем договор во историјата на фудбалот и Аргентинецот би заработил 1,2 милијарди евра за две сезони. Дејвид Бекам, кој е газда на Интер Мајами, веќе неколку години се обидува да го доведе во САД, а сега има најголеми шанси за тоа, па останува да видиме како ќе заврши ова нагаѓање и прогнози за тоа кој ќе биде клубот чиј дрес Меси ќе го носи во новата сезона.

- Оглас -

Најнови вести