ПСЖ во последниот ден од јануарскиот преоден рок се обидува да ги засили своите редови со крилото на Челзи, Вилијан. Оваа трансфер-шпекулација е тема на денот бидејќи „светците“ мора брзо да реагираат и да доведат замена за повредениот Нејмар, кој ќе отсуствува од терените во следните три месеци, а неговиот сонародник може да го пополни местото.
Засега не е откриена точна сума, но јасно е дека Челзи нема лесно да се откаже од Бразилецот бидејќи претходно одбиваа неколку понуди од Барселона, последната одбиена беше 60 милиони фунти. Како што известуваат англиските медиуми, агентот на Вилијан уште вчера пристигнал во Париз за средба со претставници од ПСЖ. Доколку најдат заеднички јазик, францускиот првак ќе го одврзе ќесето и наводно ќе ги исполни засега непознатите барања на клубот од Лондон.
ПСЖ е доста активен на пазарот во овие неколку дена, претходно го официјализираа трансферот на Леандро Паредес од Зенит (40 милиони евра), а денес треба да пристигне и засилување од МЛС-лигата, поточно од ДС јунајтед. Станува збор за играчот за врска Лусијано Акоста, за кого „светците“ спакуваа скоро девет милиони евра.
Напоредно преговараат со Евертон за Идриса Гана Геје, но „карамелите“ од Мерсисајд засега не попуштаат и со сите сили се обидуваат да го задржат својот играч, кој претходно истакна дека сака да замине од Островот.
Како и да е, последниот ден од зимскиот преоден рок секогаш носи изненадувања, останува да се види до крајот на денот дали ПСЖ ќе го реализира трансферот на Вилијан, кој е главна тема.