Лионел Меси е слободен играч и сега може да одбере каде ќе ја продолжи кариерата. По две години поминати во ПСЖ, Аргентинецот има неколку опции за неговата иднина, а една од нив, секако, е враќање во Барселона.
Волшебникот од Росарио е вистинска легенда на Барселона, клубот во кој дојде како 13-годишен тинејџер, а потоа блесна како никој претходно во историјата на клубот. Сега, таткото на Лео, Хорхе Меси, најави дека е можно повторно да го видиме виртуозот во каталонскиот гигант.
„Лео сака да се врати во Барселона и јас би сакал повторно да го видам во дресот на Барселона. Може да се рече дека сме сигурни. Враќањето во Барселона е сигурна опција. Наскоро ќе се знаат детали“, рече Хорхе Меси.
Состанокот меѓу Хорхе Меси и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, бил многу позитивен и сега се прави план како да се направат деталите за да не се загрози финансискиот ферплеј на клубот.